„Зашто Господ ни заповеда така: ‘Те поставив за светлина на народите, да им бидеш спасение до крајот на земјата.’ Кога народите го чуја тоа, се радуваа и го славеа Господовото слово и поверуваа мнозина, кои беа определени за вечниот живот.“ (Дела 13,47.48)
Павле и Варнава заминале во Антиохија Писидиска, а во сабота отишле во еврејската синагога и седнале… Бидејќи бил повикан да зборува, „Павле стана, мавна со раката и рече: ‘Луѓе Израелци и вие други, кои имате страхопочит кон Бога, чујте!’“ Потоа уследил прекрасен приказ… Божјиот Дух ги насочувал изговорените зборови и срцата на присутните биле трогнати. Повикувајќи се на пророштвата од Стариот завет, апостолот изјавил дека тие буквално се исполниле во службата на Исуса Назареќанецот и тоа осведочило многу души кои копнежливо го очекувале доаѓањето на ветениот Месија. Со полна сигурност изговорените зборови на говорникот дека „ветувањето“ на спасението дадено еднакво и на Евреите и на незнабошците, им дале надеж и радост на оние кои по потекло не се вбројувале меѓу Аврамовите синови…
Павловата беседа предизвикала силен интерес во Антиохија Писидиска, така што идната сабота „се собра речиси целиот град да ја чуе Божјата реч. А кога Евреите ја видоа толпата, се исполнија со завист, им противречеа на Павловите зборови и хулеа.“
„Тогаш Павле и Варнава им рекоа решително: ‘Требаше најнапред вам да ви се проповеда Божјата реч, но бидејќи вие ја отфрлате од себе и не се сметате достојни за вечен живот, еве, ние им се обраќаме на незнабошците, зашто Господ ми заповеда така: те поставив за светлина на незнабошците, да им бидеш спасение до крајот на земјата.’“
„Кога незнабошците го слушнаа тоа, се израдуваа и ја славеа Господовата реч и поверуваа мнозина што беа определени за живот вечен.“ Тие најмногу се израдувале поради тоа што Христос ги признава за синови Божји и со благодарно срце го слушале проповедањето. (Делата на апостолите, стр. 170-174. оригинал)
