„Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето. И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост.“ (Матеј 2,9.10)
Мудреците од исток биле филозофи. Тие му припаѓале на големиот и влијателен општествен слој што ги опфаќал луѓето со благородно потекло и бил носител на богатството и ученоста во нивниот народ… Додека овие мудреци го проучувале ѕвезденото небо и се обидувале да проникнат во тајната на неговите сјајни патеки, ја гледале светлината на Творецот. Барајќи појасно сознание, се свртиле кон еврејските свети списи. Во нивната земја се чувале пророчки списи што го преткажувале доаѓањето на божествениот Учител… Меѓутоа, во Стариот завет многу појасно е откриено доаѓањето на Спасителот. Мудреците со радост утврдиле дека неговото доаѓање е близу и дека земјата ќе се наполни со познавање за славата Господова.
Таа ноќ, кога Божјата слава ги осветлила витлеемските ритчиња, мудреците виделе таинствена светлина на небото. Кога светлината изчезнала, се појавила сјајна ѕвезда која полека се движела по небото… Дали е можно оваа непозната ѕвезда да биде пратена како весник за Ветениот?… На сон примиле порака да одат и да го побараат новородениот Цар…
Стигнуваат во израелската земја и слегуваат низ Маслинската гора, гледајќи го пред себе Ерусалим, кога наеднаш ѕвездата што ги водела во текот на целиот макотрпен пат застанува над храмот и по неколку мига исчезнува од видикот. Тие одат понатаму со брзи чекори, очекувајќи со сигурност да видат дека раѓањето на Месија е радосна песна на секој човек. Меѓутоа, попусто се распрашувале. Влегувајќи во светиот град, се упатиле кон храмот. На свое вчудовидување не нашле никого кој би знаел нешто за новородениот Цар…
Мудреците сами си заминале од Ерусалим. Додека поминувале низ градската капија, веќе се спуштале ноќните сенки, но на своја голема радост, пак ја виделе ѕвездата што ги повела кон Витлеем. (Копнежот на вековите, стр. 59-63. оригинал)
