„Народот се веселеше зашто прилагаа доброволно, зашто Му прилагаа со искрено срце на Господа; и царот Давид се радуваше многу.“ (1. Летописи 29,9)
Сиот овој скапоцен материјал за градење и разубавување на храмот Давид го собирал со најдлабок интерес. Тој компонирал прекрасни похвални песни (псалми) кои во подоцнежните години ќе се одгласуваат во просториите на храмот. А кога видел како кнезовите и поглаварите во Израел го прифаќаат неговиот повик и самите доброволно приложуваат за овој значаен потфат што стоел пред нив, срцето му се радувало во Господа. И кога дале, покажале готовност уште повеќе да дадат. Резервата на собраните дарови ја зголемиле со приложување на сопствени средства. Давид длабоко ја чувствувал својата сопствена недостојност во собирањето на материјал за градење на Божјиот дом, велејќи: „Кој сум јас и што е мојот народ та можевме олку да приложиме“; но изразот на верност и подготвеноста што ја покажале челните луѓе на неговото царство кога со радост му го посветувале своето богатство на Јехова, а и кога самите му се предавале нему во служба, го исполнувале со радост. Меѓутоа, сам Бог на народот му дал такво расположение. Славата му припаѓала нему а не на луѓето. Тој всушност на народот и му ги дал сите тие богатства, и неговиот Дух ги поттикнал нивните срца да ги приложат своите драгоцености за храмот. Сѐ потекнувало од Господа; кога неговата љубов не би ги возбудила срцата на народот, сите напори на царот би биле напразни и храмот никогаш не би бил изграден.
Сѐ што човекот прима од Божјото изобилство, сѐ уште му припаѓа на Бога. Сите скапоцености и сите вредносни предмети со кои располагаат луѓето, Бог ги става во нивните раце за да ги провери и да ја испита длабината на нивната љубов кон себе за да се види како ќе ги ценат даровите на Неговата милост. Било тоа да се материјални или духовни богатства, треба да се положат пред нозете на Исуса како доброволна жртва. Како и Давид, секој дарител треба да каже: „Зашто од тебе е сѐ и, примајќи од твоите раце, ти дадовме.“ (Патријарси и пророци, стр. 752.753. оригинал)
