„Воскликнувај од радост, Сионска Ќерко, викај од веселба, Израеле! Весели се и радувај се од сè срце, Ерусалимска Ќерко!“ (Софонија 3,14)
Мелодијата на благодарност е атмосфера на Небото; и кога Небото ќе дојде во допир со Земјата, тука има музика и песна – „благодарници и глас на пофална песна“ (Исаија 51,3).
Над новосоздадената Земја, која лебдела убава и неизвалкана, осветлена со Божјата наклонетост, „воскпикнуваа утринските ѕвезди и извикуваа Божјите дворјани“ (Јов 38,7). Така и човечките срца, обединети со небото, на Божјата добрина одговориле со гласови на благодарност. Многу настани од историјата на човештвото се поврзани со песна. (Воспитување, стр. 161. оригинал)
Исус со песна ги пресретнувал искушенијата во Својот земски живот. Неговата песна на вера и света радост се слушала често кога биле изговорени остри, навредливи зборови, кога бил опкружен со тешка атмосфера полна со мачнина, незадоволство, недоверба или мачен страв.
Онаа последна тажна ноќ на пасхалната вечера, токму кога тргнувал во пресрет на предавството и смртта, Неговиот глас се издигнал во псалмот:
“Благословено да е Господовото Име сега и довека!
Од изгрејсонце до зајдисонце фалено да е Господовото Име!” (Воспитување, стр. 166. оригинал)
Додека нашиот Откупител нѐ води кон прагот на вечноста, осветлена со Божја слава, ние можеме да ги чуеме зборовите на пофалба и благодарност од страна на небесниот хор околу престолот; и кога одекот на таа ангелска песна ќе се слушне во нашите земски домови, срцата ќе бидат привлечени кон небесните пеачи. Заедницата со Небото почнува на Земјата. Ние тука ја учиме основната мелодија на небесниот славопој. (Воспитување, стр. 168. оригинал)
