„Авраам, вашиот татко, се радуваше да го види Мојот ден, и го виде и се зарадува.“ (Јован 8,56)
Аврам жеднеел да го види ветениот Спасител. Тој топло се молел пред својата смрт да го види Месија. И го видел Христа. Му била дадена натприродна светлина и тој го препознал Христовиот божествен карактер. Го видел неговиот ден и се радувал. Нему му е дадено да ја види божествената жртва за гревот. Во своето сопствено искуство имал сликовит приказ за оваа жртва. Добил заповед: „Земи го својот син, својот мил единец, Исак… и принеси го како жртва паленица“ (Битие 22,2). На жртвениот олтар го положил ветениот син, синот во кого биле сосредоточени сите негови надежи. Тогаш, додека чекал крај олтарот со подигнат нож да го послуша Бога, слушнал глас од небото како зборува: „Не спуштај ја раката врз момчето и не прави му ништо! Еве, сега знам дека се боиш од Бога, зашто не го поштеди ни својот син, својот единец“ (Битие 22,12). Ова страшно искушение го снашло Аврама за да може да го види Христовиот ден и да ја сфати големата Божја љубов кон светот, толку голема што својот единороден Син го предал на најсрамна смрт за да го подигне понижениот свет.
Аврам од Бога ја научил најголемата поука што кога и да е му е дадена на еден смртник. Неговата молитва да го види Христа пред својата смрт е примена. Тој го видел Христа; тој видел сè што може да види еден смртник и да остане жив. Со својата целосна преданост можел да го сфати видението за Христа што му е дадено. Нему му е покажано дека, кога го дал својот единороден Син за спасение на грешникот од вечна пропаст, Бог поднел поголема и повеличествена жртва од онаа што човекот кога било би можел да ја поднесе. (Копнежот на вековите, стр. 468.469. оригинал)
