„Мојата наслада е во Твоите заповеди, зашто ги љубам.“ (Псалм 119, 47)
Нема ниту една заповед во Законот која не е дадена за доброто и среќата на човекот во овој живот, но и во оној кој допрва ќе дојде. Послушноста на Божјиот Закон е како ограда која го штити човекот од сите страни и го чува од злото. (Мисли од гората на блаженствата, стр. 52. оригинал)
Законот даден на Синај бил објава на начелата на љубовта, откривање на небесниот Закон на Земјата. Тој бил пропишан од раката на Посредникот – изговорен со гласот на Оној со чија сила срцата на луѓето можат да бидат доведени во хармонија со Неговите начела. Бог ја открил целта на Законот кога на Израел му се обратил со зборовите: „Ќе ми бидете свет народ“ (Излез 22,31). (Мисли од гората на блаженствата, стр. 46. оригинал)
Ветувањето на Новиот завет гласи: „Ќе ги вградам законите Свои во срцата нивни, и во нивните мисли ќе ги напишам“ (Евреите 10,16). Иако системот на симболи кој укажувал на Христа како Божје Јагне кое ќе ги земе на себе гревовите на светот, требало да биде прекинат со Христовата смрт, начелата на праведноста содржани во Десетте заповеди се непроменливи како и вечниот Божји престол. Ниту една заповед не била укината, ниту една буквичка или цртичка не се променети. Овие начела, кои му биле објавени на човекот во рајот како голем Закон на животот, ќе постојат неизменети и во обновениот рај. Кога Едем повторно ќе расцвета на Земјата, Божјиот Закон на љубовта ќе биде почитуван од сите што живеат под Сонцето. (Мисли од гората на блаженствата, стр. 50. оригинал)
