„А кога излегоа од водата, Господовиот Дух го зеде Филипа, и Етиопјанецот веќе не го виде. Но продолжи радосно по својот пат.“ (Дела 8,39)
„И ете, Етиопјанец – евнух, дворјанин на етиопската царица Кандакија, кој беше задолжен за целата нејзина ризница, а беше дошол во Ерусалим на поклонение, и на враќање седеше во својата кочија и го читаше пророкот Исаија.“ Тој Етиопјанец бил човек на висока положба и мошне угледен. Бог видел дека тој, кога ќе се обрати, ќе им ја пренесува и на другите светлината што ја примил и дека ќе врши силно влијание при ширењето на евангелието. Тој човек, кој барал светлина, го придружувале Божји ангели и бил привлечен од Спасителот. Со помош на Светиот Дух Господ го довел во допир со оној кој можел да му помогне да ја пронајде светлината.
Срцето на овој човек било длабоко трогнато кога му се објаснети светите списи, и кога ученикот завршил, тој бил приготвен да ја прими таа светлина. Не се изговарал со својата висока световна положба за да го одбие повикот на евангелието. „И така патувајќи, кога дојдоа до некоја вода, евнухот рече: ‘Еве вода! Што ме спречува да се крстам?’ А Филип му рече: ‘Ако веруваш од сѐ срце, можеш.’ Тој одговори, велејќи: ‘Верувам дека Исус Христос е Божји Син.’ И заповеда да застане кочијата, па двајцата, Филип и евнухот, слегоа во водата, и го крсти.
А кога излегоа од водата, Светиот Дух го однесе Филипа; евнухот веќе не го виде. И продолжи радосно по својот пат. (Делата на апостолите, стр. 107.108. оригинал)
