„И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небо. А тие Му се поклонија и се вратија во Ерусалим со голема радост.“ (Лука 24,51.52)
Христос се вознел на небото во човечки лик. Учениците го виделе облакот што го прифатил. Истиот Исус кој одел, зборувал и се молел со нив, кој кршел леб со нив, кој бил со нив во нивните чамци на езерото и кој истиот тој ден се мачел со нив искачувајќи се до врвот на Маслинската гора истиот тој Исус сега отишол да го дели престолот со својот Отец. Ангелите ги уверувале дека истиот Оној што го виделе како си заминува на небото, исто така ќе дојде повторно како што се вознел…
Кога учениците се вратиле во Ерусалим, луѓето ги набљудувале со чудење. По Христовото судење и распнување, се сметало дека тие ќе бидат столчени и усрамени. Нивните непријатели очекувале на нивното лице да видат израз на жалост и пораз. Наместо тоа, се видела радост и победа. Нивните лица биле озарени од среќа не со земно потекло. Не тагувале над неостварените надежи, туку во полнота го славеле и му благодареле на Бога. Со радост раскажувале за величествениот настан, за Христовото воскресение и за неговото вознесение на небото, а нивното сведоштво мнозина го прифатиле. (Копнежот на вековите, стр. 832. оригинал)
