„И кога веста за нив дојде до ушите на црквата во Ерусалим, го испратија Варнава во Антиохија. Тој дојде и ја виде Божјата благодат, се зарадува и ги опоменуваше сите да останат во Господа со одлучно срце.“ (Дела 11,22.23)
Откако прогонството ги натерало учениците да го напуштат Ерусалим, пораката на евангелието бргу се ширела низ областите надвор од границите на Палестина, и во значајните центри оформени се мали групи верници…
Меѓу споменатите места, во кои евангелието со радост е примено, се наоѓа Антиохија, во тоа време главен град на Сирија. Обемната трговија што е водена од тој голем центар привлекла во градот многу луѓе од разни народности. Освен тоа, поради својата поволна положба, убавата околина и богатството, културата и елеганцијата, Антиохија била мошне позната како прибежиште на задоволствата и уживањата. Во времето на апостолите Антиохија станала град на раскош и порок.
Во Антиохија некои ученици од Кипар и Кирена го проповедале „евангелието за Господа Исуса Христа“, и „Божјата рака беше со нив“, и нивните сесрдни напори и нивната ревност донеле плод, така што „голем број кои поверуваа се преобратија кон Господа“
„Кога веста за нив дојде до ушите на црквата во Ерусалим, го пратија Варнава во Антиохија.“ Кога стигнал во своето ново поле за работа, Варнава видел дека делото што било почнато со Божја милост веќе е во тек, „се зарадува и со решително срце ги охрабруваше сите да останат во Господа“. (Делата на апостолите, стр. 155.156. оригинал)
