„За да те избави од лош пат, од измамлив човек, од оние што ги оставаат патеките на чесноста, па одат по мрачни патишта; кои се веселат правејќи зло и ликуваат во изопаченоста на лошото.“ (Пословици 2,12-14)
Од падот на Адам наваму, станало обичај на светот да греши. (Сведоштва за црквата, вол. 6, стр. 129. оригинал)
Во непрепороденото срце постои љубов кон гревот и склоност тој да се негува и оправдува. (Големата борба, стр. 508. оригинал)
Преовладувањето на грешните желби ја покажува заблудата на душата. Секое попуштање на тие желби ја зајакнува одбивноста на душата кон Бога. Маката во вршењето на должностите и наоѓањето задоволство во гревот се јажиња со кои сатаната ги врзува луѓето во своите стапици. (Сведоштва за црквата, вол. 5, стр.53. оригинал)
Ние се менуваме кога се угледуваме на некој. Иако создаден според ликот на својот Творец, човекот може толку да се измени во духовен поглед, што наоѓа задоволство во она од што некогаш се гадел. Штом престане да стражари и да се моли, тој престанува да ја чува својата тврдина и срце и тоне во злосторство и грев. Духот е понижен и невозможно е да се спаси од расипаноста, бидејќи е навикнат своите умни и морални сили да ги потчинува на грубите нагони. Мора да се води постојана војна против телесните желби и во ова мораме да имаме потпора во Божјата благодат која ги издигнува нашите мисли и нè привикнува да мислиме за она што е чисто и свето. (Сведоштва за црквата, вол. 2, стр. 479. оригинал)
Божјиот Дух постојано влијае на умот на човекот да копнее за она што единствено може да донесе мир и спокојство на неговата душа – повозвишена, света небесна радост. Христос, како Господар на животот и славата, го дал Својот живот за да го откупи и спаси човекот од робувањето на сатанската власт. Преку видливи и невидливи влијанија, Спасителот постојано делува на човечките срца за да го насочи нивното внимание од суетните земни задоволства на богатството кое можат да го наследат во бесмртната иднина. (Сведоштва за црквата, вол. 4, стр. 580. оригинал)
