„Блажени сте кога ќе ве навредуваат и гонат и говорат лажно против вас, секакви лоши зборови, заради Мене. Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, зашто така ги гонеа пророците, кои беа пред вас.“ (Матеј 5,11.12)
Голема е наградата на Небото за сите кои и во прогонствата и во понижувањата сведочат за Христа. И додека луѓето копнеат по земните добра, Исус им укажува на небесната награда. Меѓутоа, Тој не ја дава таа награда само во идниот живот; наградувањето почнува уште овде на земјата. Во старо време Господ му се јавил на Аврама и му рекол: „Јас сум ти закрила и наградата твоја ќе биде многу голема“ (Битие 15,1). Таква награда ќе добијат сите оние кои го следат Христа. Да воспоставиме хармонија со Јехова Емануел – Оној во кого се „скриени сите сокровишта на мудроста и знаењето“, во кого „телесно живее сета полнота на Божеството“ (Колосјаните 2,3.9) – да го запознаеме Него, да го имаме Него, додека срцето сѐ повеќе се отвара да ги прими Неговите особини, да ја запознаеме Неговата љубов и сила, да го имаме неискажаното Христово богатство, да разбираме сѐ повеќе „што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја осознаете Христовата љубов која го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја“ (Ефесјаните 3,18.19) – „тоа е наследството на слугите Господови, нивна победа од Мене, вели Господ“ (Исаија 54,17).
Оваа радост ги исполнувала срцата на Павле и Сила додека околу полноќ, во затворот во Филиба, се молеле и пееле во слава на Бога. И таму Христос бил покрај нив, а светлината на Неговото присуство и славата од небесните дворови ја растерала темнината. Павле, кој заборавил на своите окови гледајќи го славното ширење на евангелието, пишува од Рим: „Затоа се радувам и повторно ќе се радувам“ (Филипјаните 1,18). Истите зборови што Христос ги изговорил на Гората, повторно одѕвонуваат и во посланието на апостол Павле, кое среде неговите прогонства го напишал за црквата во Филиба: „Радувајте се секогаш во Господ, и пак ќе речам: радувајте се“ (Филипјаните 4,4) (Мисли од гората на блаженствата, стр. 34.35. оригинал)
