„Бог, со Својата десница, Го возвиси Него за Началник и Спасител, за да му даде покајание на Израел и проштавање на гревовите.“ (Дела 5,31)
Како може човек да биде чист пред Бога? Како може грешникот да стане праведен? Само Христос може да нѐ доведе во хармонија со Бога, во хармонија со светоста; но како да дојдеме кај Христа?… Во покајанието е вклучена жалост поради гревот и одвојување од него. Ние нема да го отфрлиме гревот ако не ја увидиме неговата расипаност; сѐ додека нашето срце не се откаже од него, нема да има никаква вистинска промена во нашиот живот.
Мнозина не успеваат да ја сфатат вистинската природа на покајанието. Тие жалат затоа што грешеле и дури привидно се менуваат само затоа што се плашат од последиците на своите лоши дела. Но тоа не е библиско покајание. Тие се жалат на страдањата наместо на гревот. Таква била болката на Исава кога сфатил дека засекогаш го загубил првенството. Валам, уплашен од ангелот кој стоел на неговиот пат со гол меч, ја признал својата вина за да не го загуби животот; но тука немало вистинско каење поради гревот, немало промена на намерите, не се јавила одвратност кон злото. Откако го предал својот Господ, Јуда Искариотски извикнал: „Јас згрешив што предадов невина крв!“… Последиците што му се заканувале го исполнувале со ужас, но во неговата душа немало длабока тага што го кине срцето, не жалел што го предал пречистиот Божји Син… Сите овие се плачеле поради последиците на гревот, но не ги обземала жалост поради самиот грев. Но кога срцето ќе го прифати влијанието на Божјиот Дух, совеста се буди и грешникот ја разузнава во извесна мера длабината и светоста на Божјиот свет Закон кој е темел на Неговото владеење и на небото и на земјата. (Патот кон Христа, стр. 23.24. оригинал)