„Зашто се јави Божјата благодат, која носи спасение за сите луѓе.“ (Тит 2,11)
Исус им ја понудил чашата со благослов на оние кои мислеле: „Богат сум, се збогатив и ништо не ми треба“ (Откровение 3,17), но тие со презир го отфрлиле милостивиот дар. Оној кој себеси се смета за совршен, кој мисли дека е доволно добар и е задоволен со својата состојба, воопшто и не бара да стане учесник во Христовата милост и праведност. Горделивоста не чувствува никаква потреба и затоа го затвора срцето за Христа и за неизмерните благослови кои Тој сака да ни ги подари. Во срцето на таквата личност нема место за Исуса. Сите оние кои во своите очи се богати и достојни за почит, не бараат со вера и затоа и не го примаат Божјиот благослов. Тие чувствуваат дека се сити, но си заминуваат гладни. Помошта што само Христос може да ја даде, ја ценат само оние кои знаат дека никако не можат сами да се спасат или сами од себе да направат какво било добро дело. Тоа се сиромашните по дух, за кои Тој кажува дека ќе бидат благословени.
На оној на кого му проштава, Христос најпрво го води кон покајание, а дело на Светиот Дух е да го увери дека е грешен. Оној чие срце е поттикнато од влијанието на Светиот Дух, согледува дека во себе нема ништо добро. Тој согледува дека сѐ што правел било проникнато со самољубие и грев. Слично на сиромашниот цариник, тој стои на страна, не осмелувајќи се дури ниту погледот да го подигне кон небото, и извикнува: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ Таквиот ќе прими благослов. Оној што се кае, прима проштавање, бидејќи Христос е „Јагнето Божје, кое ги зеде гревовите на светот врз себе“ … Сите оние кои ја чувствуваат големата сиромаштија на својата душа и сфаќаат дека во себе немаат ништо добро, можат да добијат праведност и сила гледајќи во Исуса. (Мисли од гората на блаженствата, стр. 7.8. оригинал)