„Исус му одговори: ‘Вистина, вистина, ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, тој не може да влезе во Божјото Царство. Роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е.’“ (Јован 3,5.6)
Никаков човечки изум не може да најде лек за човечката грешна душа… Изворот во срцето мора да биде очистен за да може и потокот да стане чист. Оној што се обидува да стигне на небото со свои сопствени дела, со држење на законот, се обидува да стори нешто што не е можно. Нема сигурност за оној што поседува само легалистичка религија, форма на побожност. Христијанскиот живот не е преправање или крпење на старото, туку преобразба на природата. Тоа значи умирање за своето „јас“ и за гревот и наполно нов живот. Оваа промена може да ја спроведе само Светиот Дух…
Ветрот се слуша во гранките на дрвјата, предизвикувајќи шум на лисјата и цутовите. Но сепак е невидлив и никој не знае од каде доаѓа и каде оди. Така е и со дејствувањето на Светиот Дух во срцето. Новото раѓање не може да се објасни подобро отколку со движењето на ветрот. Некој можеби не може точно да го одреди времето и местото или да ги утврди сите околности во текот на своето преобраќање, но тоа не е доказ дека тој не е преобратен. Христос постојано работи врз срцето со сила што исто така е невидлива како и ветрот. Малку по малку, можеби несвесно за оној што ги прима, настануваат впечатоци што ја привлекуваат душата кон Христа. Впечатоците се примаат со размислување за Христа, со читање на Светото писмо или со директно слушање на зборови на жив проповедник. А потоа, наеднаш, кога Духот ќе ѝ упати непосреден повик, душата радосно му се предава на Исуса… Почетокот на откупувањето овде можеме да го дознаеме од лично искуство. Неговиот резултат допира до вечни времиња. (Копнежот на вековите, стр. 172.173. оригинал)