„Сите Господови патишта се милост и вистина, за оние кои ги чуваат Неговиот Завет и Неговите сведоштва.“ (Псалм 25,10)
Божјиот народ мора да ги држи Неговите заповеди, отфрлувајќи ги сите световни насочувања. Бидејќи ги прифатиле исправните начела на делување, луѓето треба да се покоруваат на тие начела бидејќи тие се од небесно потекло. Покорноста на Бога за вас е од поголема вредност од среброто и златото. Со земањето на Христовиот јарем и учејќи се од Него на понизност, ќе се избегнат многу судири, бидејќи кога непријателот ќе надојде како поплава, Господовиот Дух ќе го подигне знамето против него. (Сведоштва за црквата, вол. 8, стр. 95. оригинал)
Материјалниот свет се наоѓа под Божја управа. Природата им се покорува на природните закони. Сѐ во неа ја изговара и ја слуша волјата на Творецот. Облаците и светлината на сонцето, росата и дождот, ветерот и луњата, сѐ е под Божја контрола и молкома се покорува на Неговите заповеди. Покорувајќи им се на Божјите закони, никулецот никнува од земјата … Сето тоа Бог го прави во соодветно време затоа што природните појави се сообразени со Неговото дејствување. Може ли, тогаш, човекот, создаден според Божјиот лик, снабден со ум и надарен со способност да зборува, да биде единствено суштество кое не ги цени Неговите дарови, единствено кое не ѝ се покорува на Неговата волја? Зар само разумните суштества предизвикуваат хаос во нашиот свет? (Христови параболи, стр. 81.82. оригинал)
Послушноста е доказ дека сме Христови ученици. Држењето на заповедите ја покажува искреноста на љубовта што ја исповедаме. Ако учењето што го прифаќаме го уништува гревот во срцето, ја чисти душата од нечистотиите и раѓа плодови на светоста, тогаш можеме да бидеме сигурни дека тоа е Божја вистина… кога нашето срце се исполнува со радост затоа што правиме добро, кога го воздигнуваме Христа а не себеси, тогаш знаеме дека нашата вера е вистинска. (Мисли од гората на блаженствата, стр. 146. оригинал)