9 јули – Бог зборува

„Молкнете и знајте дека Јас Сум Бог, возвишен над народите, возвишен над целата земја.“ (Псалм 46,10)

И Исус во текот на својот земски живот примал мудрост и сила токму во часовите на тајна молитва. Младите треба да го следат Неговиот пример и да одделат тивки мигови во зората и самракот за разговор со својот Татко на небесата. И во текот на денот своите срца треба да ги издигнуваат кон Бога. На секој чекор од нашиот пат, Тој вели: „Зашто Јас, Господ, твојот Бог, ја крепам твојата десница; и ти велам: ‘Не бој се, Јас ти помагам’“ (Исаија 41,13). Колкава свежина и сила, колкава радост и задоволство би се вселиле во нивниот живот кога нашите деца би ги научиле овие поуки во зората на нивната младост!

Тоа се поуки кои може да ги пренесе само оној што самиот ги научил. Учењата на Писмото немаат поголемо влијание врз младите само затоа што многу родители и учители тврдат дека ѝ веруваат на Божјата Реч, а со својот живот покажуваат дека се одрекуваат од нејзината сила. Понекогаш, младите се наведени да ја почувствуваат силата на Речта. Тие согледуваат колку е скапоцена Христовата љубов. Тие ја гледаат убавината на Неговиот карактер, можностите што ги нуди животот во Неговата служба. Но, гледаат дека животот на оние кои велат дека ги почитуваат Божјите принципи е сосема поинаков. На колкумина со право можат да се применат зборовите што ги изговорил пророкот Езекиел:

„Синовите на твојот народ… си зборуваат еден на друг: „Ајде да чуеме какво слово дошло од Господа!’ И брзаат кон тебе како на народен собир; и мојот народ седнува пред тебе и ги слуша твоите зборови, но не ги извршува; се насладува со нив устата, а нивното срце се вовлекува по нивната лакомост. И ете, ти си за нив како слатка песна отпеана со пријатен глас, со музика: ти ги слушаат зборовите, но не ги извршуваат“ (Езекиел 33,30-32).

Да ѝ се пристапи на Библијата како на книга полна со добри морални поуки кои треба да се слушаат онолку колку што се во согласност со духот на времето и со нашата положба во светот е една работа, а нешто сосема друго е таа да се смета за она што навистина е – Реч на живиот Бог, Реч која е наш живот, Реч која треба да ги обликува нашите активности, нашите зборови и нашите мисли. Да се смета Божјата Реч за помала од тоа во што било, значи да се отфрли. Фактот што на ваков начин ја отфрлаат и оние кои велат дека веруваат во неа, е основна причина за скептицизмот и неверувањето меѓу младите…

Мнозина, дури ни во миговите на молитва, не го примаат благословот на вистинската заедница со Бога. Тие премногу брзаат. Со брзи чекори минуваат низ кругот на Христовата возвишена присутност, запирајќи можеби само за миг во нејзините свети граници, но не за да чекаат совет. Тие немаат време да останат со Божествениот Учител. (Воспитување, стр. 259.260. оригинал)

22 декември - Поглед на другите светови
21 декември - Станови за откупените
20 декември - Обновениот Едем
19 декември - Чистење на Земјата
18 декември - Редовите на откупените
17 декември - Работата на откупените во текот на милениумот
16 декември - Затворање на сатаната
15 декември - Дејствувањето на ангелите откриено
14 декември - Проучувањето ќе трае цела вечност
13 декември - Радоста на Божјите наследници

Pin It on Pinterest