„Меѓутоа, ако вам не ви е угодно да Му служите на Господа, тогаш денес изберете кому ќе му служите: можеби на боговите на кои им служеа вашите татковци од онаа страна на Реката, или на боговите на Аморејците во чија земја сега престојувате. Јас и мојот дом ќе Му служиме на Господа.“ (Исус Навин 24,15)
Помеѓу оние што му се предани на Бога и оние што го презираат Неговиот закон ќе дојде до жесток судир. Стравопочитувањето кон Божјиот закон е поткопано. Верските водачи го учат народот на човечки науки и заповеди. Како што било во деновите на стариот Израел, така е и денес во светот. Но дали тие што го почитуваа Божјиот закон, денес треба да го почитуваат помалку затоа што неверувањето и престапот се распространети? Зар и тие ќе се согласат со земните сили за да го прогласат тој закон за неважечки? Струјата на злото нема да ги однесе и верните со себе. Тие нема да го презираат тоа што Бог го прогласил за свето. Тие нема да забораваат како Израел, туку ќе се сеќаваат што правел Бог за Својот народ во сите векови и ќе одат по патот на Неговите заповеди. Секој ќе биде ставен на испит. Постојат само две страни. На која сте вие? (Сведоштва за црквата, вол. 8, стр. 120. оригинал)
Секоја душа треба да внимава. Непријателот ви е зад петиците. Стражарете будно за да не ве изненади некоја внимателно сокриена и вешто поставена мамка. Безгрижните и рамнодушните нека внимаваат Господовиот ден да не им дојде како крадец во ноќно време. Мнозина ќе застранат од патеката на понизност и, отфрлајќи го Христовиот јарем, ќе се упатат кон туѓи градови. Заслепени и збркани, тие ќе го напуштат тесниот пат што води во Божјиот град…
Време е нашиот народ да ги повлече своите семејства од градовите и да оди во помирни места, бидејќи непријателот мнозина од младите, а исто така и старите ќе ги фати во своите стапици и ќе ги зароби. (Сведоштва за црквата, вол. 8, стр. 99-100. оригинал)