„Ако безбожникот се одврати од сите гревови што ги направил, ако ги чува сите Мои наредби и ги врши законот и правдата, ќе живее и нема да умре.“ (Езекиел 18,21)
Оние што размислуваат за големата Божја милост и не забораваат ниту едно добро што им го сторил Бог, се проникнати со радост и му пеат во своите срца на Господа. Благословите што ги примаме секој ден од Божјата рака, а над сѐ љубовта и жртвата на нашиот Спасител кој умрел за да ни ја стави во рака среќата на спасението и небесното блаженство, тоа треба да биде тема на нашето постојано благодарење.
Какво милосрдие и каква неспоредлива љубов покажал Бог кон нас, загубени грешници, поврзувајќи нѐ со заветен однос со себе како посебно „богатство меѓу сите народи“. Колкава жртва поднел Спасителот за ние да можеме да се наречеме Божји деца! Треба да го фалиме Господа за блажената надеж што ни е укажана и нам со големиот план на откупувањето; треба да го славиме за големото небесно наследство и за Неговите прекрасни ветувања да бидеме благодарни што Исус живее и што се залага за нас пред Отецот. (Патријарси и пророци, стр. 289. оригинал)
Злото не може да се отстрани ниту пак карактерот може да се преобрази со слаби, повремени напори. Можеме да победиме само со долги, истрајни напори, со строга дисциплина и со сериозна борба. Ние денес не можеме да знаеме колку остра ќе биде нашата утрешна борба… Ниеден од апостолите и пророците никогаш не тврдел за себе дека е без грев. Луѓето, кои со својот живот најмногу се доближиле до Бога и кои побргу би го жртвувале својот живот отколку свесно да сторат зло, луѓето кои Бог ги почестил со божествена светлина и сила, ја признавале грешноста на својата природа. Тие немале доверба во себе и не се повикувале на некоја своја праведност, туку се потпирале само врз Христовата праведност. Така е со сите кои спасение очекуваат од Христа. (Делата на апостолите. стр. 560.561. оригинал)