„Зашто беззаконијата на мојата глава ме надвишија, ме притиснуваат како претешко бреме.“ (Псалм 38,4)
Кога сатаната ти зборува дека си грешник и дека не смееш да се надеваш на Божји благослов, кажи му дека Христос дошол на светот да ги спаси грешниците. Ние немаме ништо што би нè препорачало на Бога; но причина што можеме секогаш да ја изнесуваме е нашата крајно беспомошна состојба за која е неопходна Неговата откупителска сила. Откажувајќи се од нашата самоувереност, можеме да гледаме на голготскиот крст и да кажеме:
„Рацете мои се празни,
се надевам само на твојот крст“…
Сатаната не може да ги држи мртвите под своја власт кога Божјиот Син ќе ги повика во живот. Тој не може да држи во духовна смрт ниедна душа која со вера го прифаќа силниот Христов збор. Бог им кажува на сите што се мртви во гревот: „Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите“… Тие зборови се вечен живот. (Копнежот на вековите, стр. 317-320. оригинал)
Какво и да било вашето искуство во минатото, колку и да се обесхрабрувачки вашите сегашни околности, ако дојдете кај Исуса такви какви сте, слаби, беспомошни и очајни, нашиот милостив Спасител, кој е полн со сочувство, уште оддалеку ќе ви излезе во пресрет, ќе ве прегрне со рацете на својата љубов и ќе ве наметне со наметката на својата праведност. Тој ќе ве претстави пред Таткото облечени во белата облека на својот сопствен карактер. Тој се заложува за нас пред Бога, велејќи: „Јас го зазедов местото на овој грешник. Не гледај во ова дете што се изгубило, туку гледај ме Мене“. Колку и да зборува гласно сатаната против нашата душа, обвинувајќи ја за грев и полагајќи право на нас како на свој плен, крвта на Христос зборува многу посилно. (Мисли од гората на блаженствата, стр. 8. оригинал)