6 април – На сигурни патеки

„А Исус пак во одговор им рече: ‘Вистина, вистина ви велам, Синот не може ништо да прави Сам од Себе, ако не види што прави Таткото; зашто она што го прави Таткото истото го прави и Синот.’“ (Јован 5,19)

Христовите зборови нè учат себеси да се сметаме за нераскинливо поврзани со нашиот небесен Отец. Каква и да е нашата положба, ние зависиме од Бога кој сите судбини ги држи во свои раце. Тој ни одредил работа и нè надарил со способности и со средства за таа работа. Сè додека ѝ се потчинуваме на Божјата волја и се потпираме врз Неговата сила и мудрост, ќе бидеме водени по сигурни патеки за да го исполниме својот дел што ни е одреден во Неговиот голем план. Меѓутоа, човек што се потпира врз своја мудрост и сила, се одвојува од Бога. Наместо да работи во единство со Христа, тој ги исполнува целите на непријателот на Бога и на човекот.

Спасителот продолжил: „Она што го прави Отецот го прави и Синот… Како Отецот што воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние кои сака“. Садукеите сметале дека нема воскресение во тело; но Исус им рекол дека едно од најголемите дела на Неговиот Отец е воскреснувањето на мртвите и дека и самиот Тој има сила да воскреснува мртви. „Иде часот, и веќе е тука, кога мртвите ќе го чујат гласот на Божјиот Син, и оние што ќе го чујат, ќе оживеат“. Фарисеите верувале во воскресение на мртвите. Христос изјавува дека и сега меѓу нив е силата што им дава живот на мртвите, и дека тие ќе го видат нејзиното дејство. Истата сила на воскресение им дава живот на душите што се „мртви поради своите престапи и гревови“ (Ефесјаните 2,1). Тој дух на животот во Исуса Христа, „силата на неговото воскресение“, ги ослободува луѓето „од законот на гревот и смртта“ (Филипјаните 3,10; Римјаните 8,2). Надмоќта на злото е урната и душата со вера се пази од гревот. Оној што своето срце му го отвора на Христовиот Дух ја користи таа моќна сила што ќе го подигне неговото тело од гробот…

Свештениците и поглаварите се поставиле како судии да ја осудат Христовата работа, но Христос изјавил дека Тој е нивни судија и судија на цела земја. Светот му е доверен на Христа и преку Него на паднатиот човечки род му доаѓале сите благослови од Бога. Тој бил Откупител пред и по своето отелотворување. Во мигот кога се појавил гревот, тука бил и Спасителот. Им дал светлина и живот на сите и секому ќе му биде судено според мерката на дадената светлина. Тој, кој дал светлина, кој ја следел душата со најнежни повици, настојувајќи да ја доведе од гревот во светост, истовремено е и Застапник и Судија. (Копнежот на вековите, стр. 209.210 оригинал)

22 декември - Поглед на другите светови
21 декември - Станови за откупените
20 декември - Обновениот Едем
19 декември - Чистење на Земјата
18 декември - Редовите на откупените
17 декември - Работата на откупените во текот на милениумот
16 декември - Затворање на сатаната
15 декември - Дејствувањето на ангелите откриено
14 декември - Проучувањето ќе трае цела вечност
13 декември - Радоста на Божјите наследници

Pin It on Pinterest