5 октомври – Светилиштето и судот мора јасно да се разберат

„Да го држиме непоколебливо исповедувањето на нашата надеж, зашто е верен Оној, Кој ветил.“ (Евреите 10,23)

Жалосен е извештајот што го носат ангелите на небото. Разумните созданија, божемните Христови следбеници, потполно се обземени со желба за стекнување на богатство или со уживање на земните задоволства. Парите, времето и силите се употребуваат за украсување и за уживање; малку време се посветува за молитва, за истражување на Светото писмо, за испитување на самиот себеси и за исповедање на гревот.

Сатаната измислува безброј планови за да ги окупира нашите мисли да не се занимаваме со она што би требало најдобро да го познаваме. Стариот измамник ги мрази големите вистини што ни укажуваат на жртвата на помирување и на силниот Посредник. Тој знае дека ќе успее ако ги одврати мислите од Исуса и од неговата вистина.

Оние што сакаат да бидат учесници во милоста на Христовото посредување, не смеат да дозволат со ништо да бидат одвратени од својата должност во Божји страв да го градат своето посветување. Наместо драгоцените мигови на времето да ги посветат на уживања, на украсување или на стекнување добивка, треба да се посветат на сериозно и ревносно проучување на Речта на вистината. Предметот на Светилиштето и на истражниот суд Божјиот народ треба да го разбере јасно и правилно. Сите би требало да стекнат лично познавање за положбата и за делото на нашиот голем Поглавар свештенички; инаку ќе им биде неможно во ова време да имаат вистинска вера или да заземаат положба што Бог сака да ја имаат. Секој треба да ја спаси или да ја загуби својата душа. Божјиот суд секој ден претставува посебен случај. Секој мора да стапи пред лицето на големиот Судија. Затоа мошне важно е секој поединец често да размислува за свечената сцена кога судот ќе седне и кога книгите ќе се отворат; кога секој ќе мора, како и Даниел, да стане и „да го прими своето наследство на крајот на деновите“ (Даниел 12,13).

Секој што примил светлина за овие предмети мора да сведочи за големите вистини што му ги доверил Бог. Светилиштето на небото е средиште на Хрисотвото дело за луѓето. Тоа е значајно за секое човечко суштество на земјата. Тоа ни го отвора погледот кон планот на спасението сѐ до крајот на времето и истовремено ни го открива и славниот завршеток на борбата меѓу правдата и гревот. Од најголема важност е овие работи темелно да ги истражуваме и да сме подготвени секому што ќе нѐ праша да му дадеме одговор за нашето надевање. (Големата борба, стр. 487-489. оригинал)

22 декември - Поглед на другите светови
21 декември - Станови за откупените
20 декември - Обновениот Едем
19 декември - Чистење на Земјата
18 декември - Редовите на откупените
17 декември - Работата на откупените во текот на милениумот
16 декември - Затворање на сатаната
15 декември - Дејствувањето на ангелите откриено
14 декември - Проучувањето ќе трае цела вечност
13 декември - Радоста на Божјите наследници

Pin It on Pinterest