„Зашто Господ го казнува оној, кого го љуби, а го бие секој син, кого што го прима.“ (Евреите 12,6)
Господ може да го претвори во победа и она што нам понекогаш ни изгледа како целосен неуспех и пораз. Ние сме во опасност да го заборавиме Бога и внимание му обрнуваме само на она што се гледа, наместо со очите на верата да го гледаме невидливото. Кога ќе наидат неволји и несреќи, веднаш сме подготвени да го обвиниме Господа за рамнодушност, па дури и за свирепост кон нас. Ако Тој смета дека е добро извесно време да ја ограничи нашата делотворност, ние се плачеме, не помислувајќи ниту за миг дека Бог тоа го прави можеби токму за наше добро. Мораме да сфатиме дека и карањето претставува дел на неговиот голем план и дека христијанинот понекогаш под прачката на страдањата и болката може за својот Господ да стори повеќе отколку кога се наоѓа во активна служба…
Да се добие спасение е задача што може да се изврши со заеднички напори. Меѓу Бога и грешникот мора да постои соработка. Тоа е неопходно заради обликување на правилни начела и обликување на карактерот. Човекот мора најсесрдно да се труди да го победи сето она што не му дозволува да постигне совршенство. Но сепак, неговиот успех во целост зависи од Бога. Сам по себе, човечкиот напор не е доволен. Тој не вреди ништо без божествена помош. Бог работи, и човекот работи. Човекот од своја страна мора да им се спротивставува на искушенијата, а сила за тоа добива од Бога. На една страна се наоѓа бесконечна мудрост, милост и сила, а на другата – слабост, грешност и целосна немоќ.
Бог сака ние да станеме господари над себеси. Но Тој не може да ни помогне без наша согласност и соработка. Божјиот Дух дејствува преку силите и способностите што му се дадени на човекот. (Делата на апостолите, стр. 481.482. оригинал)
