„Зашто, о, Господи, на Тебе се надевам, Ти ќе ме услишиш, Господи, Боже мој!“ (Псалм 38,15)
Мораме многу да се молиме ако сакаме да напредуваме во божествениот живот. Колку многу се молевме кога прв пат беше објавена веста на вистината. Колку тогаш често се слушаше гласот на молитва во собата, во шталата, градината или овоштарникот. Често поминувавме цели часови во молитва, по двајца или тројца, положувајќи право на ветувањето. Тогаш честопати се слушаше плачење, глас на благодарност и песни на слава. Денес Божјиот ден е поблиску од тогаш кога прв пат поверувавме и затоа треба да бидеме посесрдни, поревни од тие први денови. Нашите опасности сега се поголеми од оние тогаш. Душите станаа позакоравени. Сега е потребно да сме проникнати со Божјиот Дух и не смееме да мируваме сѐ додека не го примиме. (Сведоштва за црквата, вол. 5, стр. 161.162. оригинал)
Моли се, да, моли се со непоколеблива вера и доверба. Ангелот на Заветот, нашиот Господ Исус Христос, е Посредникот кој го осигурува примањето на молитвите на сите оние кои веруваат во Него. (Сведоштва за црквата, вол. 8, стр. 179)
Бог ни зборува преку природата и преку откровението, преку своето провидение и преку влијанието на својот Дух. Но сето тоа не е доволно; неопходно е и ние да го отвориме пред Него нашето срце. За духовно да живееме и да имаме духовна сила, мора да одржуваме вистинска врска со нашиот небесен Отец. Нашите мисли можат да се занимаваат со Него; ние можеме да размислуваме за Неговите дела, за доказите на Неговата милост, за Неговите благослови, но сето тоа уште не е во вистинска смисла одржување на врска со Него. За да стапиме во врска со Бога, мора да посакаме да му раскажеме нешто од нашиот личен живот. (Патот кон Христа, стр. 93. оригинал)