„Премногу сум мал: што да одговорам? Со мојата рака ќе ја затворам устата.“(Јов 40,4)
Секој престап, секое занемарување или отфрлање на Христовата милост, остава свои последици врз нас; тоа го стврднува срцето, ја ослабува волјата, го отапува умот и не само што нѐ прави помалку подготвени, туку и помалку способни да ги послушаме нежните повици на Божјиот Свети Дух.
Мнозина ја смируваат разбудената совест со мислата дека можат да се вратат од својот лош пат секогаш кога ќе посакаат; дека можат да си се играат со повиците на милоста, а сепак да останат трајно чувствителни спрема нивното влијание. Иако му пркоселе на Духот на милоста, иако своето влијание го ставиле во служба на сатаната, тие мислат дека сепак ќе можат да ја променат насоката на животот во мигот кога ќе настапи страшна криза. Но тоа не е така лесно да се стори. Искуствата и воспитувањето во текот на целиот живот толку темелно го формирале карактерот, што тогаш само ретки посакуваат да бидат слични на Исуса.
Дури и само една мана во карактерот, само една грешна желба, ако упорно се негува, на крај ќе го поништи сето влијание на евангелието. Секое попуштање пред гревот ја засилува одбивноста на душата кон Бога. Човекот, кој е упорен во своето неверство, кој е тапо рамнодушен кон божествената вистина, само го жнее она што самиот го посеал. (Патот кон Христа, стр. 33.34. оригинал)
Тешко е за нас да се разбереме себеси, да имаме правилно знаење за нашите карактери. Божјата Реч е јасна, но ние често грешиме применувајќи ја врз себе. Наклонети сме на самоизмама и сметаме дека укорите и опомените не се однесуваат на нас… Самољубието и самоувереноста можат да ни дадат уверување дека сме исправни, иако можеме да бидеме далеку од тоа да ги исполнуваме барањата на Божјата Реч. (Сведоштва за црквата, вол. 5, стр. 332. оригинал)