„Разумните ќе блескаат како сјајниот небесен свод, и кои ги учеа мнозината на праведност, како ѕвезди довека, во сета вечност.“ (Даниел 12,3)
Кај нас на небото ќе се гледа она што се гледа сега овде во нашиот карактер и во нашата служба на Бога. Зборувајќи за себе, Христос рекол: „Така како што Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи“. Тоа било Негово дело на земјата, а тоа е Негово дело и на небото. Нашата награда што сме работеле со Христа во овој свет ќе ни овозможи уште поголема сила и поголема предност да работиме со Него во светот што ќе дојде. (Христови параболи, стр. 361. оригинал)
Колкумина работат несебично и неуморно за оние кои никогаш нема да ги видат ниту да ги запознаат! Родителите и учителите заминуваат на својата последна починка, а сѐ што правеле во животот изгледа залудно; тие не знаат дека нивната верност отпечатила извори на благослов кои никогаш нема да престанат да течат; тие само во вера гледале дека децата што ги воспитувале ќе станат благослов и инспирација за своите ближни, и дека нивното влијание повеќекратно ќе се зголеми.
Многу пратеници му упатуваат на светот вести полни со сила, надеж и храброст, зборови кои носат радост на срцата во секоја земја; но тој, кој работи во осаменост и непознатост, знае малку за нивните плодови. Така се даваат дарови, се носат товари, се извршува работата. Луѓето сеат семе од кое други, над нивните гробови, жнеат благословена жетва… Во вечноста ќе се види дејството и против дејството на сите нешта.
На Небото се чува извештај за секој дар што Бог го дал за да ги поттикне луѓето на несебична работа. Да се истражуваат тие сеопфатни извештаи, да се бараат оние кои со нашите напори биле воздигнати и облагородени, да се гледа влијанието на вистинските принципи во нивниот живот – тоа ќе биде еден од предметите и наградите во небесното училиште. (Воспитување, стр. 305.306. оригинал)
