„Моја сила, моја песна е Господ, зашто стана мој Избавител. Тој е мој Бог, јас ќе Го славам Него, Тој е Бог на мојот татко, Него ќе го возвеличувам.“ (Излез 15,2)
И Исус во текот на својот земски живот примал мудрост и сила токму во часовите на тајна молитва. Младите треба да го следат Неговиот пример и да одделат тивки мигови во зората и самракот за разговор со својот Татко на небесата. И во текот на денот своите срца треба да ги издигнуваат кон Бога. На секој чекор од нашиот пат, Тој вели: „Зашто Јас сум Господ, твојот Бог, ќе ја крепам твојата десница;… не бој се, Јас ќе ти помогнам“ (Исаија 41,13). Колкава свежина и сила, колкава радост и задоволство би се вселиле во нивниот живот кога нашите деца би ги научиле овие поуки во зората на нивната младост! (Воспитување, стр. 259. оригинал)
Како што Израилевите деца, патувајќи низ пустината, се храбреле со мелодиите на светите песни, така и Божјите деца денес, по Божји налог, својот христијански животен пат треба да го направат радосен. Еден од најдобрите начини да се врежат Божјите зборови во сеќавањето е нивно повторување во песна. Таквата песна има чудесна моќ. Таа има сила да ја совлада грубата и недоделкана природа; сила да ги оживее мислите и да разбуди сочувство, да поттикне на сложна работа и да ја оттргне мачнотијата и лошите претчувства, кои ги одземаат храброста и силата…
Вредноста на песната како воспитно средство не смее никогаш да се загуби предвид. Во домот треба да се пеат милозвучни и нежни песни, и во него ќе има помалку прекорни зборови, а повеќе веселба, надеж и радост. И во училиштето треба да се пее, па учениците ќе се приближат кон Бога, кон своите учители и едни кон други.
Во текот на богослужението, со песната Му се обраќаме на Бога исто како и со молитвата. Многу песни, всушност, се молитви. (Воспитување, стр. 167.168. оригинал)