„Држи се цврсто за поуката, не ја пуштај, пази ја, зашто таа ти е живот.“ (Пословици 4,13)
Вие ја имате Речта на живиот Бог и ако барате, можете да имате дар од Светиот Дух, за да може таа Реч да биде сила за оние кои веруваат и се послушни. Дело на Светиот Дух е да ве упати во секоја вистина. Ако со срце, ум и душа зависите од зборовите на живиот Бог, каналот на комуникација нема да биде попречен. Длабокото и сесрдното проучување под водство на Светиот Дух ќе ви дава секогаш свежа мана и истиот Дух ќе направи нејзината употреба да има дејство. Напорите на младината да го дисциплинира својот дух за возвишени и свети копнежи ќе бидат наградени. Оние кои ќе преземат истрајни напори во овој правец, трудејќи се да ја сфатат Божјата Реч, ќе се подготват да бидат Божји соработници.
Светот ги признава како учители и некои кои Бог не може да ги одобри како добри едукатори. Тие ја отфрлаат Библијата и препорачуваат дела на неверни автори, како тие да содржат мислења кои треба да се вткајат во карактерот. Што можете да очекувате од сеење на вакво семе? Со проучување на вакви книги се изопачуваат умовите на учителот и на учениците и непријателот го сее своето семе. Поинаку не може да биде. Ако се пие од нечист извор, се внесува отров во организмот. Неискусната младина подложена на вакво образование прима впечатоци кои ги наведуваат нејзините мисли по пат кој е кобен за побожноста… Душата никогаш не е безбедна ако не е под божествено водство. Само тогаш ќе биде упатена во сите вистини. (Сведоштва за црквата, вол. 6, стр. 163-167. оригинал)