„Кој ги крие своите престапи нема успех, а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост.“ (Пословици 28,13)
Условите за добивањето на Божјата милост се едноставни, праведни и разумни. Господ не бара од нас да направиме нешто тешко за да добиеме проштевање на гревовите. Не е потребно да преземаме долги и заморни поклоненија или да изведуваме болно мачење на своето тело (покори), за да ги препорачаме нашите души на небесниот Бог или за да ги окаеме нашите престапи. Тој што ги признава своите гревови и се одрекува од нив ќе добие милост. Тоа е драгоцено ветување дадено на паднатиот човек за да се поттикне неговата доверба во Богот на љубовта и за да копнее за вечен живот во Неговото царство…
Даниел не се обидел да се оправда себеси или својот народ пред Бога, туку се понизил и со болка во душата во целост ги признал своите гревови и недостатоци и гревовите и недостатоците на својот народ и ги прифатил Божјите постапки како праведни кон еден народ кој ги запоставил Неговите закони и кои не ги користел Неговите сесрдни совети.
Денес се потребни токму такви искрени и срдечни каења и признанија. Тие што не ги понизиле своите души пред Бога признавајќи ја својата вина не го исполниле ниту првиот услов за Бог да може да ја прими нивната исповед. Ако не сме се покајале искрено, ако не сме го признале својот грев во искрена понизност на душата и со понизен дух, гнасејќи се од беззаконието, тогаш никогаш не сме копнееле искрено за проштевање на гревовите, а ако не сме го барале никогаш, никогаш не сме го нашле Божјиот мир. Единствената причина заради која можеби нема да ни бидат простени гревовите од минатото е затоа што не сакаме да ги понизиме нашите горди срца и да ги исполниме условите изнесени во словото на вистината. (Сведоштва за црквата, вол. 5, стр. 635.636. оригинал)