„И за мене, да ми се даде слово кога ќе ја отворам устата, за да можам да ја соопштувам смело тајната на Евангелието, за кое сум пратеник во окови: за да зборувам смело како што и треба да зборувам.“ (Ефесјаните 6,19.20)
Апостол Павле, додека се молел во храмот во Ерусалим, примил порака: „Замини, зашто ќе те испратам далеку, кај незнабошците.“ Така, и оние што се повикани да се соединат со Христа мораат да остават сè за да Го следат. Старите врски мора да бидат прекинати, животните планови напуштени, а земните надежи предадени. Во труд и солзи, во осаменост и преку жртва, мора да се сее семето.
Оние што Му ги посветуваат телото, душата и духот на Бога, постојано ќе добиваат нова сила – физичка, умствена и духовна. Неисцрпните небесни резерви им стојат на располагање. Христос им го дава здивот на Својот Дух, животот од Својот живот. Светиот Дух ја вложува својата најголема енергија за да работи во срцето и умот. Божјата благодат ги проширува и ги умножува нивните способности, а секое совршенство на божествената природа доаѓа на помош во делото за спасување на душите.
Преку соработка со Христа, тие се усовршуваат во Него, и во нивната човечка слабост им е овозможено да ги прават делата на Севишниот. (Gospel Workers, p. 112.113)
Многумина не сфаќаат колку големо е влијанието што секој човек го има, без разлика дали е за добро или за зло. Секој ученик треба да разбере дека принципите што ги прифаќа стануваат жива, обликувачка сила врз карактерот. Оној што ќе го прифати Христa како свој личен Спасител, ќе го сака и Него и сите за кои Христос умре; зашто Христос во него ќе биде „извор на вода што извира за вечен живот.“ Тој ќе се предаде безрезервно на Христовото владеење. (Порака до младите, стр. 29. оригинал)