„А детето Самоил сè повеќе растеше и придобиваше благонаклоност и пред Господа и пред луѓето.“ (1. Самуилова 2,26)
Иако своето детство го поминал служејќи во светињата посветена на Бога, Самоил сепак не бил заштитен од лошите влијанија или од лошиот пример. Синовите на Илија не се боеле од Бога ниту го почитувале својот татко; но Самоил не се дружел со нив ниту ги следел нивните лоши патишта. Постојано се трудел да го постигне она што го очекувал од него Бог. А такво предимсгво има секое младо суштество. На Бога му е угодно кога и малечките деца ќе се посветат на Неговата служба. Самоил му бил доверен на грижа на Илија и милноста на детскиот карактер кај стариот свештеник предизвикувала топла наклоност. Момчето било љубезно, великодушно, послушно и полно со почит. Ожалостен поради отпадот на своите синови, Илија наоѓал мир, утеха и благослов во присуство на својот малечок штитеник. Самоил бил услужлив и предан, и дури ни таткото не би го сакал толку своето дете колку Илија што го сакал Самоила. Имало нешто необично во тоа што меѓу највисокиот народен судија и едно дете се родила толку топла наклоност. Секогаш кога остарениот Илија би го обзела немоќ или би го мачела совеста поради лошото однесување на неговите синови, тој му се обраќал на Самоил да го теши…
Иако бил сосема млад кога е доведен да служи во светињата, Самоил веднаш ја прифатил должноста во Божјата служба во сообразност со своите можности. Тие должности од почеток биле мошне скромни и не биле секогаш пријатни, но тој ги исполнувал колку што можел подобро и со добра волја. Неговата вера се забележувала во сите животни должности. Себе си се сметал за Божји слуга, а својата работа за Божјо дело. Неговите напори му биле угодни на Бога, зашто потекнувале од љубов кон Бога и од искрен стремеж да ја исполнува Неговата волја. (Патријарси и пророци, стр. 573. оригинал)