„Туку ќе испратам мир: лозата ќе роди грозје, земјата ќе дава посеви, а небото ќе ја дава својата роса. Сè тоа ќе му го дадам на Остатокот на овој народ.“ (Захарија 8,12)
Проповедајќи ја вистината за вечното евангелие на секој народ, племе и јазик, Божјата црква на земјата во наше време го исполнува древното пророштво: „Во идните дни Јаков ќе се вкорени; Израел ќе пушти гранки и ќе расцути; и вселената ќе се исполни со плодови.”
Соработувајќи со небесните сили, Исусовите следбеници брзо ќе продрат во пустите места на земјата и нивните напори ќе вродат со голема жетва на драгоцени души. Денес, како никогаш порано, ширењето на библиската вистина преку една посветена Црква им ги носи на човечките чеда благословите што пред многу векови симболички биле претскажани во ветувањето дадено на Аврам и на целиот Израел – и на Божјата црква во сите времиња: „ќе те благословам… и ти ќе бидеш благослов.“
Ова ветување за благослов требало да се оствари во многу поголема мера во вековите по враќањето на Израелците од земјата на нивното робување. Божјата намера била целата земја да се подготви за првото Христово доаѓање, токму како што денеска се подготвува патот за Неговото второ доаѓање. Кога истекле горчливите години на прогонство, преку пророкот Захарија Бог милостиво му ветил на својот народ Израел: „ќе се вратам во Сион и ќе живеам во Ерусалим, и Ерусалим ќе се вика град на верноста, и гората на Господа над Војските ќе се вика – Света Гора.“ А за својот народ Господ вели: „Ете… Јас ќе им бидам нивни Бог, во верност и во правда…“ На оние кои се владеат според овие начела на праведноста им била ветена голема награда, и материјална и духовна. (Пророци и цареви, стр. 703.704. оригинал)
