„Рашири го просторот на својот шатор распростри го, не штеди го платното на своето живеалиште, продолжи му ги јажињата, зацврсти ги колчињата.“ (Исаија 54,2)
Пред Божјиот народ се наоѓа силно дело, дело кое постојано мора да напредува, да станува сè поистакнато. Мораат многу повеќе да се прошират нашите напори на полето на мисионството. Пред второто доаѓање на нашиот Господ Исус Христос делото мора поодлучно да се спроведува отколку што досега било случај.
Божјиот народ не смее да престане со своето залагање сè додека не го опкружи целиот свет. Лозјето го опфаќа целиот свет и секој негов дел мора да биде обработен. Има места кои денес претставуваат морална пустина и тие треба да станат како Господовата градина. Потребно е да се обработат пустите делови на земјата, за да можат да процветаат како роза. Луѓето, вдахновени со Светиот Дух, треба да обработуваат нови полиња. Мораат да се основаат нови цркви, да се организираат нови собранија. Во ова време, претставниците на сегашната вистина треба да бидат во секој град и во најоддалечените краеви на светот. Целата земја треба да биде осветлена со славата на Божјата вистина. Светлината треба да блеска во сите земји и меѓу сите народи, и таа треба да се шири преку оние кои ја примиле. Ѕвездата Деница се родила во нашите срца и со нејзината светлина ние треба да го осветлиме патот на оние кои се наоѓаат во темнина.
Кризата е пред нас. Со силата на Светиот Дух мораме сега да ги проповедаме големите вистини во овие последни денови. За кратко време секој ќе ја чуе опомената и ќе донесе своја одлука. Тогаш ќе дојде крајот. Суштината на секоја вистинска вера се состои во тоа да се прават вистински работи во вистинско време. Бог е големиот Главен Работник кој со Своето провидение подготвува пат по кој ќе се оствари Неговото дело. (Сведоштва за црквата, вол. 6, стр. 23.24. оригинал)