„Извојував добра борба, го завршив трчањето, ја запазив верата.“ (2. Тимотеј 4,7)
Од судницата на цезарот Павле се вратил во својата ќелија, знаејќи дека тоа е само кратко одлагање. Знаел дека неговите непријатели нема да мируваат сѐ додека не издејствуваат тој да биде убиен. Но исто така знаел дека барем за извесно време вистината триумфирала. Победа претставувал веќе самиот факт што пред толкаво мноштво слушатели го проповедал распнатиот и воскреснат Спасител. Тој ден го почнал делото кое постојано ќе расте и ќе се засилува, а кое Нерон и сите други Христови непријатели напразно ќе се обидуваат да го попречуваат или да го уништат…
За сето време на својата долга служба Павле никогаш не се поколебал во својата преданост кон Спасителот. Каде и да бил – пред зајадливите фарисеи или пред римските властодршци, пред јаросниот џган во Листра или со осведочените грешници во македонската зандана, било да им давал совети на исплашените морнари на бродот што тонел или, стоејќи осамен пред Нерона и бранејќи го својот живот – тој никогаш не се посрамил од делото за кое се борел. Голема цел на неговиот христијански живот била да му служи на Оној чиешто име некогаш го исполнувало со презир и никакво противење и прогони не биле во состојба да го одвратат од таа цел. Него го држела и го крепела неговата вера која била засилена со неговите напори и исчистена со неговите жртви… Вистинскиот Божји проповедник никогаш нема да ги одбегнува неволјите и одговорностите. Тој ќе црпе сила од Изворот кој никогаш не пресушува за оние кои искрено ја бараат божествената сила, а таа сила ги оспособува да се борат со искушенијата, да ги победуваат и да ги извршуваат должностите што им ги доверил Бог… Тој со сето срце настојува службата што ја извршува за Учителот да биде прифатлива и на Бога угодна. (Делата на апостолите, стр. 498-501. оригинал)
