„За да можете да испитувате за она што е подобро: да бидете чисти и беспрекорни за Денот Христов.“ (Филипјаните 1,10)
Мнозина кои Бог ги оспособил да извршат извонредно големо дело, постигнуваат мошне малку, зашто и се обидуваат малку. Илјадници поминуваат низ овој живот како да немаат никаква одредена цел за која би вредело да се живее, никакво мерило што би било вредно да се постигне. Тие ќе добијат награда сразмерна со нивните дела. Имајте на ум дека никогаш нема да се искачите на поголема височина од онаа што самите сте ја одредиле. И затоа поставете ги високо своите цели и чекор по чекор, дури и со болни напори, со самооткажување и жртви, искачувајте се по целата висина, до крај на скалата на напредувањето. Немојте на ништо да му дозволите да ве задржи. Мрежите на судбината не се толку густо испреплетени околу секој човек за да мора тој да биде и беспомошен и несигурен. Неповолните околности треба да ве поттикнат кон цврста решителност да совладате секоја пречка. Кога ќе ја совладате првата бариера, ќе почувствувате поголема способност и храброст да кренете понатаму. Појдете решително во вистинската насока и околностите ќе се најдат на ваша страна, наместо да бидат против вас.
Бидете решителни да развиете секоја позитивна особина на вашиот карактер на слава на својот Учител. На секој степен од изградбата на вашиот карактер трудете се да му угодите на Бога. Секако, тоа можете да го постигнете, зашто и Енох му угодил на Бога иако живеел во расипано време. И денес, во нашето време, има многу како Енох…
Карактерот, обликуван според божествениот лик, е единственото богатство што ќе можеме да го понесеме од овој свет на небото. Сите кои во овој свет биле во Христовата школа, ќе ги понесат сите свои духовни постигања во своите небесни станови. Но и на небото ќе продолжат да се усовршуваат. Според тоа, многу е важен развојот на карактерот во овој живот. (Христови параболи, стр. 331.332. оригинал)