„А Господ ми одговори: ‘Не зборувај: ‘Дете сум!’ Туку оди кај оние кај кои те праќам и речи им го сè она што ќе ти го наредам.’“ (Еремија 1,7)
Бог престојува во секој дом; Тој го слуша секој изговорен збор, ја слуша секоја молитва што му се упатува, ги чувствува тагите и разочарувањата на секоја душа и гледа како се однесуваме кон таткото, мајката, сестрата, пријателот и соседот. Тој ни помага во нашите неволји, и Неговата љубов, благодат и милосрдие постојано се излеваат за да ги задоволат нашите потреби. Но, ако Бог го нарекувате свој Татко, вие со тоа признавате дека сте негови деца кои секогаш треба да ги води Неговата мудрост и кои мора да му бидат послушни во сѐ, знаејќи дека Неговата љубов е непроменлива. Во својот живот вие ќе се управувате според Божјиот план. (Мисли од гората на блаженствата, стр. 105. оригинал)
Колку пати оние кои ѝ верувале на Божјата Реч, иако самите по себе сосема беспомошни, ѝ се спротивставиле на силата на целиот свет – Енох, непорочен во срцето, свет во животот, држејќи се цврсто за својата вера во победата на праведноста наспроти расипаната генерација која му се потсмевала; Ное и неговиот дом наспроти луѓето од нивното време, луѓе со најголема физичка и ментална сила и со најнизок морал… Давид, момчето овчар, на кое Бог му го ветил престолот, наспроти Саул, тогашниот владетел, одлучен да ја задржи својата власт; Седрах и неговите другари во огнот, а Навуходоносор на престолот; Даниел меѓу лавовите, неговите непријатели на високи положби во царството. Исус на крстот и еврејските свештеници и поглавари кои дури и римскиот намесник го принудуваат да ја исполни нивната волја; Павле окован со синџири, воден да умре со смрт на злосторник… Тие му припаѓаат на вистинското благородништво на светот. Тоа е неговата вистинска царска лоза. Денешната младина е повикана да го заземе своето место во таа лоза. (Воспитување, стр. 254.255. оригинал)
