„И така, примајќи го непоколебливото царство, да искажеме благодарност со која ќе Му служиме на Бога благоугодно со почит и во страв.“ (Евреите 12,28)
Кога Исус ќе престане со делото на посредување, судбината на сите луѓе ќе биде засекогаш одлучена. Тоа е време за пресметување со Неговите слуги. За оние кои не се подготвиле во чистота и светост со добредојде да го дочекаат својот Господ, сонцето ќе затемни и нема повеќе никогаш да се појави. Завршува времето на милоста, престанува Христовото посредништво на небото. Овој момент ќе ги изненади сите и оние кои не се посветиле со послушност на вистината, ќе бидат затекнати како спијат. Тие се замориле од чекање и стражарење, станале рамнодушни кон доаѓањето на својот Господ. Се разочарале во своето исчекување, и можеби повторно ќе се разочараат. Заклучиле дека има уште многу време и сакале за себе да обезбедат земско богатство. Сакале од овој свет да извлечат сè што можат и во тоа тежнеење го загубиле секој интерес за доаѓањето на Господа. Станале рамнодушни и безгрижни, како Тој да ќе дојде дури во далечна иднина. Но, додека тие забораваат на вечноста одејќи по своите земски добивки, ќе се заврши делото во небесното светилиште, а тие ќе останат неподготвени.
Кога тие би знаеле дека Христовото дело во небесното светилиште толку брзо ќе се заврши, колку поинаку би се однесувале? Колку посесрдно би стражареле! Предвидувајќи го сето тоа Господ на време ги предупредува и во Својот налог за стражарењето, Тој јасно им навестува дека ќе дојде одненадеж. Тој не одредува време за да не го занемариме во ниту еден момент стражарењето и во својата безгрижност да ја одложиме подготовката. „Бидете будни, зашто не знаете.“ Сепак, таа неизвесност и ненајавено изненадување не нè разбудиле од затапеноста, ниту нè поттикнале на будност во очекување на Господа. Тој ќе ги изненади во неверство оние кои не чекале и не стражареле. Господарот доаѓа и наместо нивните срца веднаш да се отворат пред Него, тие се заклучени во овоземскиот сон и конечно се загубени.
Наспроти опишаната, покажана ми е една друга група. Тие чекале и стражареле. Нивните очи биле вперени кон небото, а на усните им беа зборовите на нивниот господар: „Што вам ви кажав, на сите им велам: Стражарете.“ (Testimonies for the Church, vol. 2. str. 191.192)