„Затоа и ние од оној ден кога го чувме тоа, не прекратуваме да се молиме за вас и да просиме да се исполните со познавање на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање.“ (Колосјаните 1,9)
Бродот со кој Павле и неговите сопатници планирале да го продолжат својот пат бил подготвен да исплови, а браќата побрзале да влезат во него. Меѓутоа, апостолот решил да појде по покус копнен пат од Троада до Ас, таму да се сретне со своите сопатници. Така на располагање имал малку време за размислување и за молитва. Предмет на неговите сериозни и неспокојни размислувања биле тешкотиите и опасностите што ги носело неговото претстојно доаѓање во Ерусалим, ставот на тамошната црква кон него и кон неговото дело, како и состојбата на црквата и интересите на евангелското дело во другите полиња; затоа оваа исклучителна прилика ја искористил со сесрдни молитви да му се обрати на Бога за сила и помош. (Делата на апостолите, стр. 391.392. оригинал)
Молете се во затворена соба; и додека се занимавате со својата секојдневна работа, вашето срце често нека му се обраќа на Бога. Така Енох одел со Бога. Овие тајни молитви се издигнуваат како скапоцен мирис кон престолот на милоста. Сатаната не може да го совлада оној кој е така утврден во Бога.
Нема време ниту место што би било непогодно да му се упати молитва на Бога. Не постои ништо што би можело да нѐ спречи да го подигнеме нашето срце во дух на искрена молитва. Среде мноштвото на улица, окупирани со работните обврски, ние можеме да му упатиме молитва на Бога и да побараме божествено водство, како што го сторил тоа Немија додека го изнесувал своето барање пред царот Артаксеркс. Тајно катче за разговор може да се најде на секое место каде што се наоѓаме. (Патот кон Христа, стр. 98.99. оригинал)