„Бегај од младински желби! Стреми се кон правда, вера, љубов и мир со оние кои Го повикуваат Господа од чисто срце.“ (2. Тимотеј 2,22)
Не смееме да губиме време. Ние не знаеме кога може да заврши нашето време на милост. Пред нас се простира вечноста. Завесата само што не се подигнала. Божјите ангели се трудат да нè одвојат од нас самите и од сè што е земно. Не дозволувајте нивниот труд да биде напразен. Кога Исус ќе го заврши своето дело во светињата над светињите, ќе ја соблече својата посредничка облека и ќе облече облека на одмазда, ќе се даде заповедта: „Кој чини неправда, нека чини неправда уште; и кој е осквернет, нека се осквернува уште; и кој е праведен нека чини правда уште; и кој е свет, нека се осветува уште. И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја е со Мене, за да му дадам на секого според делата негови“ (Откровение 22,11.12).
Доаѓа бура, неумолива во својот бес. Дали сме подготвени да ја дочекаме? Не треба да се зборува: Наскоро ќе нè снајдат опасностите на последните денови. Тие веќе доаѓаат. Сега ни е потребен Господов меч за да ја искорениме и самата срж на телесните желби, апетитот и страстите. Наклонетоста кон лекомисленост и неконтролирањето на сопствените мисли мора да се отфрли… Мислите мора да се насочат кон Бога. Сега е време да се вложат срдечни напори за да се совладаат природните наклонетости на телесното срце. Нашите напори, нашето самоодрекување и нашата истрајност мораат да бидат во сразмер со безграничното значење на целта кон која копнееме. Венецот на животот ќе го добиеме само ако победиме како што Христос победил.
Мораме да отфрлиме илјадници прашања за кои се расправа и кои привлекуваат внимание. Има нешта на кои го трошиме времето и кои ја разбудуваат љубопитноста, но не водат кон ништо. За највисоките интереси потребни се најголемо внимание и енергија, кои често ги посветуваме на незначајни нешта. (Сведоштва за црквата, вол.8, стр. 314-316)