„Тој е како дрво засадено покрај водни потоци, што донесува плод во свое време; неговите лисја никогаш не венат; сè што прави, во сè успева.“ (Псалм 1,3)
Во животот на оние кои имаат таква света и сериозна вест каква што ни е доверена нам, не смее да има никакво преправање. Светот будно внимава на адвентистите на седмиот ден, бидејќи знае нешто за нивната вера и за нивните возвишени мерила, и кога ќе види дека не живеат во согласност со она што го проповедаат, покажува на нив со потсмевање.
Оние кои го љубат Исуса, сите нешта во својот живот ќе ги усогласат со Неговата волја. Бидејќи ја избрале Господовата страна, нивниот живот мора да биде во остра спротивност со животот на оние кои припаѓаат на овој свет. Искушувачот ќе им приоѓа со своите ласкања и поткупувања, зборувајќи: „сето ова ќе ти го дадам тебе ако паднеш и ми се поклониш“. Но тие знаат дека сатаната нема ништо што би било вредно за да го примат, и не попуштаат пред неговите искушенија. Преку Божјата благодат тие се во состојба чистотата на начелата да ја сочуваат неизвалкана. Со својата непоколеблива преданост на вистината, тие го откриваат Христа и покрај нив се наоѓаат светите ангели.
Тие се подготвени да му служат на Христа во секој момент, понесувајќи, како вистински сведоци, одлучно сведоштво во корист на вистината. Тие покажуваат дека постои духовна сила која ги оспособува мажите и жените, ниту за влакно да не отстапуваат од вистината и правдата, било какви богатства да им се понудат. Небото ќе им укаже чест на таквите каде и да се наоѓаат, бидејќи својот живот го усогласиле со Божјата волја, не плашејќи се од жртвите кои требало да ги поднесат. (Сведоштва за црквата, вол. 9, стр. 23.24. оригинал)
Луѓето мораат да имаат морален ‘рбет, интегритет кој не може да се свитка со ласкања, уцени, подмитувања и закани. (Сведоштва за црквата, вол. 5, стр. 297. оригинал)