„Ќе размислувам за Твоите повелби и ќе ги разгледувам Твоите заповеди. Ќе се насладувам во Твоите правила, не ќе ги заборавам Твоите слова.“ (Псалм 119,15.16)
Со размислување за добрината која Бог толку милостиво ни ја укажува, можеме да ги затвориме приодите на душата за искушенијата и дошепнувањата на непријателот. Божјата љубов кон нас се покажува секој ден, а ние сепак толку лесно ја земаме Неговата милост и толку сме рамнодушни кон Неговите опомени. Тој настојува да нè трогне со доказите за својата нежност, љубов и трпение, но ние едвај ги забележуваме знаците на Неговата добрина и толку тешко ги примаме поуките на љубов кои Тој сака да ни ги пружи. Некои, како Аман, ги забораваат сите добра примени од Бога, само затоа што Мардохеј е пред нив и што не паднал во немилост. Нивните срца се исполнети со непријателство и омраза повеќе отколку со љубовта и духот на нашиот драг Откупител, Кој го дал и својот живот за своите непријатели.
Ние веруваме дека сме деца на ист Татко, очекуваме ист дом во вечноста, имаме иста возвишена вера и веруваме во истата порака која тестира, па сепак многумина од нас се караат меѓу себе како некои мали деца. Некои кои се ангажирани во иста гранка на Божјото дело се во постојано меѓусебно непријателство и затоа се во непријателство и со Христовиот дух. (Сведоштва за црквата, вол. 4, стр. 222.223. оригинал)
Студентите, земајќи ја Библијата за свое животно правило нека останат непоколебливо верни на начелата, и тогаш ќе можат да се надеваат на највозвишени достигнувања. Сите човечки филозофии, кога Бог не е сè во сè, водат само во збрка и срам. Но драгоцената вера вдахновена од Бога му дава сила и благородност на карактерот. Размислувајќи за Неговата добрина, милост и љубов, сè појасно и појасно ќе ја увидуваме вистината, сè повозвишена и посвета ќе биде нашата желба за чисто срце и јасни мисли. (Сведоштва за црквата, вол. 8, стр. 322. оригинал)