„И не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте и нема да бидете осудувани. Проштавајте и ќе ви биде простено!“ (Лука 6,37)
Исус поучува дека можеме да добиеме проштавање од Бога само тогаш кога и самите им проштаваме на другите. Божјата љубов нѐ привлекува кон Него и таа љубов не може да го трогне нашето срце а едновремено во нас да не разбуди љубов кон нашите браќа… Човекот кој не е подготвен да прости, го затвора единствениот канал преку кој и самиот може да прими милост од Бога. Не смееме ниту да помислиме дека имаме право да им го ускратиме проштавањето на оние кои нѐ навредиле, само затоа што не ни ја признале својата вина. Без сомнение, нивна должност е да ги понизат своите срца во покајание и признание; меѓутоа, ние мораме да покажеме сожалилив дух кон оние кои ни згрешиле, без оглед на тоа дали ни ги признале своите грешки или не. Колку болно и да нѐ раниле, не смееме да тагуваме и да се сожалуваме себеси поради навредите кои ни се нанесени; како што очекуваме Бог да ни ги прости навредите што сме му ги нанеле, така и ние мораме да им простиме на сите оние кои ни нанеле некакво зло.
Но проштавањето има многу пошироко значење отколку што мнозина мислат. Кога ветува дека обилно ќе прости, знаејќи дека смислата на тоа ветување ја надминува моќта на нашето сфаќање, Бог додава: „Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта, вели Господ. Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои повисоки од вашите мисли“ (Исаија 55,7-9).
Проштавањето коешто Бог ни го дава, не е само судски акт со кој нѐ ослободува од осудата. Тоа не е само проштавање на гревот, туку и ослободување од гревот. Тоа е излевање на спасоносната љубов која го преобразува срцето… Бог во Христа се дал себеси за нашите гревови. (Мисли од гората на блаженствата, стр. 113.114. оригинал)