„Не постанува и не се истоштува, додека не воспостави правда на земјата. Островите копнеат по Неговата наука.“ (Исаија 42,4)
Христос знае за сето она што луѓето погрешно го сфаќаат и лажно го претставуваат. Неговите деца можат да најдат сила да чекаат смирено, стрпливо и со доверба, без оглед колку се клеветени и презирани, бидејќи нема ништо тајно што нема да се открие, а на оние кои му укажуваат чест на Бога, и самиот ќе им укаже почит пред луѓето и ангелите… Авел, првиот христијанин меѓу потомците на Адам, умрел како маченик. Енох чекорел со Бога, но светот не можел да го сфати. На Ное му се потсмевале дека е фанатик кој внесува немир меѓу луѓето… „други, пак, беа мачени и не прифатија да бидат ослободени, за да добијат подобро воскресение“ Во сите векови избраните Божји гласници биле навредувани и прогонувани; но благодарение токму на нивните неволји, сознанието за Бога се ширело на сите страни. Секој Христов ученик мора да стапи во тие исти редови и да го продолжи истото дело, знаејќи дека непријателите на делото не можат да направат ништо против вистината, туку само за напредок на вистината. Бог сака вистината да го заземе првото место и таа за луѓето да стане предмет на истражување и разговор, па дури и ако ја презираат. Човечкиот разум мора да се поттикне на размислување; секој судир, секој прекор, секој напор да се ограничи слободата на совеста претставуваат прилики кои Бог ги користи за да го разбуди умот, кој инаку би останал успан. (Мисли од гората на блаженствата, стр. 32.33. оригинал)
Христос никогаш нема да ја напушти душата за која умрел. Човекот може да го остави Него и да му подлегне на искушението, но Христос никогаш нема да се сврти од оној кој го откупил со сопствениот живот. Кога нашиот духовен вид би бил поизострен, би ги виделе… ангелите како брзо летаат во помош на оние кои се наоѓаат во искушение и стојат на самиот раб на пропаста. (Мисли од гората на блаженствата, стр. 118.119. оригинал)
