„И го зедов малиот свиток од раката на ангелот и го изедов; и во мојата уста беше сладок како мед, но кога го изедов, мојата утроба стана горчлива.“ (Откровение 10,10)
Состојбата на неверните Евреи ја прикажува состојбата на многу небрежни и неверни кои се наоѓаат меѓу оние што тврдат дека се христијани, а кои намерно не сакаат да знаат за службата на нашиот милостив Поглавар свештенички. Во симболичката служба, кога поглаварот свештенички влегувал во светињата над светињите, од сите Израелци се барало да се соберат околу Светилиштето и на најсвечен начин да ги понизат своите души пред Господа за да добијат проштавање на гревот и да не бидат исклучени од собирот на верните. Колку поважно е ние на овој вистински Ден на чистење да ја сфатиме службата на нашиот Поглавар свештенички и да знаеме каква должност имаме ние.
Луѓето не можат неказнето да ги отфрлаат опомените што им ги праќа Бог во својата милост. Во времето на Ное Небото на светот му испратило вест, и неговото спасение зависело од тоа како ќе ја примат таа вест. Но, бидејќи тие ја отфрлиле оваа опомена, Божјиот Дух се повлекол од тоа грешно поколение и тие изгинале во потопот…
Но Христос сѐ уште посредува во корист на човекот и светлината ќе им биде дадена на оние што ќе ја бараат. Иако чекателите на второто Христово доаѓање од почеток ова не го сфатија, сепак, тоа подоцна им стана јасно кога почнаа да ги сфаќаат стиховите во Писмото што го одредуваа нивниот вистински став.
По истекот на утврденото време во 1844 година, настана период на голема криза за оние кои и понатаму веруваа во Христовото доаѓање. Нивна единствена помош, што ги зацврсти во нивниот став, беше светлината која нивното внимание го насочи кон небесното Светилиште. Некои се откажаа од своето верување во поранешното сметање на пророчките отсеци, и она силно влијание на Светиот Дух, кое го придружуваше движењето на чекателите на второто Христово доаѓање, ѝ го припишуваа на некаква човечка или дури на сатанска сила. Други непоколебливо веруваа дека Бог ги водеше во нивното минато искуство; и додека чекаа, бдееја и се молеа за да ја дознаат Божјата волја, видоа дека нивниот Поглавар свештенички го почнал вториот дел на службата и, следејќи го со вера, можеа да ја сфатат конечната задача на црквата. Сега јасно ги сфатија првата и втората ангелска вест и така беа подготвени да ја прифатат и да му ја објават на светот свечената опомена на третата ангелска вест од Откровението 14. глава. (Големата борба, стр. 430-432 оригинал)