„При сè тоа земете го штитот на верата, со кого ќе можете да ги угаснете сите огнени стрели на нечестивиот! Земете го и шлемот на спасението и мечот на Духот – кој е Божјото слово.“ (Ефесјаните 6,16.17)
За борбата против злото што го преплавува светот, Бог ни ставил на располагање обилни средства. Библијата претставува вистинска ризница на духовно оружје со кое можеме да се вооружиме и да се приготвиме за борбата. Своите бедра мораме да ги препашеме со вистината, а градниот оклоп е правдата. Во нашите раце секогаш треба да се наоѓа штитот на верата, на главата шлемот на спасението, а со мечот на Духот, кој е Божјата реч, можеме да си го расчистуваме себеси патот низ пречките на гревот…
Повикувајќи се на Божјиот суд, Павле му заповеда на Тимотеја да ја проповеда Божјата реч, а не човечки преданија и обичаи; да биде приготвен да сведочи за Бога секогаш кога ќе му се даде можност – пред големи собири и во приватен или семеен круг, на патиштата и крај огништата, пред пријателите и непријателите, било да е безбеден или пак изложен на тешкотии и опасности, на навреди и загуба… Тој мора да покажува Христова љубов и трпение, објаснувајќи и поткрепувајќи ги своите укори со вистините на Божјата реч.
Да се мрази и да се осудува гревот, а едновремено да се чувствува сомилост и љубов кон грешникот – тоа е тешка задача…
Мораме да се пазиме да не претераме во строгоста кон престапниците, но не смееме да ја загубиме од вид ниту тежината на гревот и опасностите што тој ги носи. Потребно е да имаме христијанско трпение и љубов кон грешникот, но мошне опасно е да покажуваме преголема толеранција кон неговите пропусти и тоа да го наведе на заклучок дека воопшто не заслужува укор и поради тоа истиот да го отфрли како непотребен и неправеден. (Делата на апостолите, стр. 502-504. оригинал)