„Мила е светлината и пријатно е да се види со очите сонцето.“ (Проповедник 11,7)
Доволно е само еден миг да ја гледаме славата на пладневното сонце, за тоа потоа да ни лебди пред очите каде и да погледнеме. Истото тоа се случува кога гледаме во Христа; тогаш сè што гледаме ја одразува сликата на Сонцето на Правдата. Ние повеќе не можеме да гледаме нешто друго или да зборуваме за нешто друго. Неговиот лик се втиснува во нашата душа, го опфаќа нашиот секојдневен живот во сите негови поединости, ја омекнува и ја зауздува целата наша природа. Со гледањето се преобразуваме во божествен лик: стануваме слични на Христа. Врз сите со кои доаѓаме во допир ги одразуваме светлите и топлите зраци на Сонцето на Правдата. Нашиот карактер е променет. Срцето, душата и умот се капат во светлината на Оној кој нè љубеше и се предаде себеси за нас.
Исус Христос ни е сè – првиот, последниот, најдобриот во сè. Исус Христос, Неговиот Дух, Неговиот карактер бојат сè во нас; тоа ја сочинува основата и потката во нашето ткаење, самата текстура на целото наше битие. Христовите зборови се дух и живот. Затоа ние не можеме да ги насочуваме своите мисли кон себе; ние повеќе не живееме, туку Христос живее во нас, и Тој е надежта на славата. Нашето „јас“ е мртво, но Христос е живиот Спасител. Продолжувајќи да гледаме во Исуса, ние го одразуваме Неговиот лик на сите што се околу нас. Ние не се занимаваме со разгледување на своите разочарувања, ниту разговараме за нив; зашто една многу попријатна слика го привлекува нашиот поглед – скапоцената Исусова љубов. (Testimonies to Ministers, p. 388-390)
