„Тогаш Павле одговори: ‘Што правите? Зошто плачете и ми го кинете срцето? Јас сум готов не само да бидам врзан, туку и да умрам во Ерусалим за името на Господа Исуса.’“ (Дела 21,13)
При конечниот судски претрес пред Нерона, моќта на зборовите на апостолот оставила толку силен впечаток врз императорот, што тој овојпат одложил да донесе решение, не ослободувајќи го, но и не осудувајќи го обвинетиот Божји слуга. Меѓутоа, набргу кај императорот повторно се разгорела омраза кон апостолот… Кратко потоа Нерон донел одлука со која Павле се осудува на маченичка смрт. Бидејќи како римски граѓанин не смеел да биде изложен на измачување, бил погубен со сечење на главата. Павле на губилиште бил одведен тајно; само на неколку посматрачи им било дозволено да присуствуваат при погубувањето, зашто неговите прогонувачи, вознемирени со ширењето на неговото влијание, се плашеле дека сцената на неговата смрт би можела да привлече нови обратеници во христијанството…
Повеќемина од нив го примиле Спасителот што го проповедал Павле, и кратко потоа и тие ја запечатиле својата вера со својата сопствена крв… Павле носел со себе небесна атмосфера. Сите кои доаѓале во допир со него го чувствувале влијанието на неговата поврзаност со Христа. Вистините што ги проповедал ги потврдувал и со личен пример во секојдневниот живот – факт кој на неговото проповедање му давал сила на убедливост. Во ова се крие силата на вистината…
Големата и славна иднина од другата страна на гробот, апостолот не ја гледал со неизвесност и со страв, туку со радосна надеж и со жедно очекување. Стоејќи на местото на своето мачеништво, тој не го видел мечот на крвникот, ниту пак земјата која наскоро ќе ја прими неговата крв, туку низ прекрасното сино небо тој сончев летен ден, својот поглед го насочил кон престолот на Вечниот… Павле носел сведоштво во самиот себе дека неговата душа е драгоцена во очите на Откупителот. (Делата на апостолите, стр. 509-512. оригинал)