„Во Господа нашиот Бог е милоста и проштавањето зашто се одметнавме од Него.“ (Даниел 9,9)
Вашите надежи не поврзувајте ги со луѓе, како тие да се безгрешни, туку надевајте се на Исуса. Не зборувајте ништо што би можело да ѝ наштети на вашата вера. Своите тајни гревови исповедајте ги единствено пред Бога. Признајте ги заблудите на Оној Кој совршено знае како треба да го обработи вашиот случај.
Ако сте го натажиле вашиот сосед признајте го својот грев и каењето покажете му го со тоа што ќе го исправите истиот. Тогаш побарајте благослов. Пријдете Му на Бога такви какви што сте и дозволете Му Тој да ги излечи сите ваши слабости. Својот случај изнесете го на престолот на милоста, за делото да биде потполно. Бидете искрени кон Бога во вашата душа. Ако Му пристапите со вистинско покајничко срце, Тој ќе ви подари победа. Тогаш ќе можете да го изнесете слаткото сведоштво за слободата, славејќи го Оној што ве повикал од темнината во својата чудесна светлина. Тој нема да ве сфати погрешно ниту пак ќе ве осуди. Вашите ближни не можат да ве ослободат од гревот ниту да ве очистат од неправдата. Единствено Исус може да ви даде мир. Тој ве љуби и сам Себе се дал за вас. Во Неговото срце полно со љубов има сожалување кон нашите слабости.
Има ли грев кој е премногу голем за Тој да не може да го прости? Има ли душа која е толку замрачена и која е толку нагризана од гревот за Тој да не може да ја спаси? Тој е милостив и не ги гледа нашите заслуги, туку нашите престапи ги лечи со својата безгранична добрина, сакајќи нѐ, иако сме грешници. Тој е „долготрпелив и многумилостив.“ (Сведоштва за црквата, вол. 5, стр. 649. оригинал)
Исповедајте ги гревовите на Бога, Кој единствено може да ги прости; а своите меѓусебни препирања исповедајте си ги еден на друг. (Сведоштва за црквата, вол. 5, стр. 639. оригинал)