„Почетокот на мудроста е: придобивај мудрост за себе и со сиот свој имот придобивај разум.“ (Пословици 4,7)
Вистинското образование не ја потценува вредноста на научните и литературни достигања; но повеќе од познавањето на фактите, тоа ја вреднува енергијата; повеќе од енергијата, добрината; повеќе од интелектуалното достигање, карактерот. На светот не му се толку потребни луѓе со блескав ум колку луѓе со благороден карактер. Нему му се потребни луѓе со чиј карактер владеат цврсти принципи… Изградбата на карактерот е најважното дело, кое некогаш им било доверено на човечките суштества; и никогаш порано неговото вредно изучување не било толку важно како сега. Никогаш ниту една претходна генерација не морала да се соочува со толку тешки проблеми; никогаш порано момчињата и девојките не биле изложени на толку големи опасности како што се оние што денес им се закануваат. (Воспитување, стр. 225. оригинал)
Ученици, направете го вашиот училишен живот колку што е можно посовршен. Ќе поминете по овој пат само еднаш, и драгоцени се можностите што ви се дадени. Вие не сте повикани само да учите, туку и да ги практикувате Христовите поуки. Додека стекнувате образование, имате можност да ги споделите чудесните вистини од Божјото Слово. Искористете ја секоја таква можност. Бог ќе го благослови секој миг поминат на овој начин.
Зачувајте ја вашата едноставност и љубовта кон душите, и Господ ќе ве води по безбедни патишта. Богатото искуство што ќе го стекнете ќе биде повредно за вас од злато, сребро или скапоцени камења.
Не знаете на каква позиција можете да бидете повикани во иднина. Бог може да ве употреби како што го употреби Даниел, за да ја пренесете вистината до моќниците на земјата. Зависи од вас дали ќе имате вештина и знаење за да ја извршите оваа работа. Бог може да ви даде мудрост во сето она што го учите. (Counsels to Teachers, p. 554.555)