12 Мај
Не бидете тврдоглави, покорете се
„И така, не бидете тврдоврати како вашите татковци: протегнете ја раката кон Господа и дојдете во Неговото Светилиште, што го посвети засекогаш, и служете Му на Господа, својот Бог, па ќе го одврати од вас Својот жесток гнев.“ (2. Летописи 30,8)
Оние што ги кријат и ги оправдуваат своите грешки кога би можеле да видат колку се радува сатаната за тоа, како му се подбива на Христа и на светите укажувајќи на нивните постапки, би побрзале да ги признаат своите гревови и да ги отфрлат. Сатаната се обидува со помош на маните на нивниот карактер да завладее со целото суштество и знае дека ќе успее во тоа ако тие ги негуваат присутните мани. Затоа постојано се труди да ги измами Христовите следбеници со своето кобно лукавство, тврдејќи им дека не можат да го победат злото. Но за нив Исус посредува со своите ранети раце и скршено тело и му кажува секому што сака да го следи: „Доста ти е мојата благодат“… Затоа никој нека не мисли дека неговите мани се неизлечливи. Бог ќе ни даде вера и милост да ги победиме.
Ние сега живееме во времето на големиот Ден на помирување. Во симболичката служба на Стариот завет, додека поглаварот свештенички вршел обред на помирување за Израелците, сите морале да „ги мачат своите души“ со исповедање на гревовите и покајнички да излезат пред Господа за да не бидат истребени од народот. На ист начин сите што сакаат нивните имиња да останат во книгата на животот треба сега, во овие уште неколку преостанати дни од времето на милоста што им е дадено, да се понизат пред Бога жалејќи поради гревот со искрено покајание. Тие мораат длабоко и свесно да ги испитуваат своите срца. Мораат да го отфрлат лакомството и суетниот дух на кого му се предале многу христијани. Сите што сакаат да ги победат лошите наклоности што настојуваат да завладеат со нив, ги чека уште тешка борба. (Големата борба, стр. 489.490. оригинал)