„Зашто им заповеда на Своите ангели, да те чуваат на сите твои патишта.“ (Псалм 91,11)
Со помош на оние таинствени скали (од сонот на Јакова), чијашто основа цврсто е поставена на земјата, додека врвот им допира до престолот на Семоќниот – Небото наполно се приближило до земјата. Ангелите постојано се качуваат и слегуваат по тие сјајни блескотни скали, пренесувајќи ги молитвите на несреќните и очајните кон небесниот Отец и донесувајќи им благослов и надеж, храброст и помош на човечките деца. Тие светлосни ангели околу душата создаваат небесна атмосфера, издигнувајќи нѐ кон она што е невидливо и вечно. Нивниот лик ние не можеме да го видиме со нашето телесно сетило на видот, зашто она што е небесно може да се види само со духовна визија. Само духовното уво може да ја чуе хармонијата на небесните гласови… Толку пати ангелите разговарале со луѓе како човек што разговара со свој пријател и ги воделе на сигурни места. Многу пати ангелите со храбри зборови го крепеле паднатиот дух на верниците и, издигнувајќи ги нивните мисли над земните настани, ги наведувале со вера да ги согледаат белите облеки, круните и палмовите гранки што ќе ги добијат победниците кога најпосле ќе се соберат околу големиот бел престол.
Должност на ангелите е да им пристапат на уморните, на несреќните и на оние што се наоѓаат во искушение. Тие неуморно се залагаат за сите за кои Христос умрел. (Делата на апостолите, стр. 153.154. оригинал)
Додека ангелите се напојуваат од самиот извор, светиите на земјата пијат од чистата река која истекува од престолот, река која го украсува градот на нашиот Бог. О, кога сите би можеле да сфатат колку небото е близу до земјата!… Да не заборавиме дека хоровите на ангелските чети на небото ги дополнуваат нашите песни на благодарност. (Сведоштва за црквата, вол. 6, стр. 366.367. оригинал)
